Денеска НЛБ Банка официјално го започна „Месецот на штедење“ кој годинава се одбележува на тема „Штедиме и правиме добри дела“. Традиционално, почетокот беше одбележан со претстава со маскотите на детското штедење Тиби и Штуки, како и дружење со специјалните гости од Црвениот крст на Град Скопје. Основци од неколку училишта од Скопје уживаа во забавно-едукативна програма и со љубопитство ја следеа претставата посветена на штедењето и добрите дела.

 

Во „Месецот на штедење“ кој ќе трае до 25 октомври, НЛБ Банка предвидува низа забавни активности и едукативни содржини кои имаат за цел да ги едуцираат децата колку и зошто е важно да создадат навики за штедење уште од најрана возраст.

И оваа година, предвиден е традиционалниот ликовен конкурс на детски цртежи на тема „Штедиме и правиме добри дела“. На конкурсот може да учествуваат деца од 5 до 15-годишна возраст кои до 25.10.2024 ќе ги испратат своите ликовни творби, по електронски пат, преку веб-страницата: www.stedenje.nlb.mk. На крајот на октомври, најдобрите цртежи избрани со гласање преку истата веб страница, како и од страна на посебна жири комисија составена од реномирани македонски уметници ќе бидат наградени со парични награди и признанија.

„Финансиската писменост кај најмладата популација е од особено значење за нас.  Не случајно НЛБ Банка, веќе 13-та година по ред, „Месецот на штедење“ го користи токму за едукација преку забавни и поучни активности. Покрај традиционалната тема „штедење“, оваа година се одлучивме да зборуваме и за хуманите вредности односно правењето добри дела. Силно веруваме дека ќе успееме да ги инспирираме децата да размислуваат, но и da делуваат во оваа насока. Сакаме да го поттикнеме и засилиме нивното чувство на хуманост и љубезност, најмоќните и најкорисните алатки од сите социјално-емоционални вештини. Правењето добри дела ја подобрува благосостојбата на децата и го отвора патот за сите други важни социјални вештини како основа за здрав развој“- истакнуваат од НЛБ Банка.

Оваа година, најавен е предизвик за училишта, во духот на темата „Правиме добри дела“. Имено, училиштата кои ќе земат учество во предизвикот и ќе направат добро дело (донација на облека или играчки, учество во подготовка на храна за дневни центри, посета на дом за стари лица, или слично) потребно е да испратат документирани информации и фотографии од нивните добрите дела на [email protected]  најдоцна до 25.10.2024. Сите училишта кои ќе учествуваат во овој предизвик ќе добијат сет подарок за училиштето.

„Месецот на штедење“ ќе заврши со голема изложба на ликовните творби кои ќе пристигнат на конкурсот за детски цртежи, што ќе биде поставена во просториите на НЛБ Галерија и отворена за љубителите на детската уметност.