Секое намалување на цените е значајно, но граѓаните со забелешки засега не гледаат големо поевтинување на основните продукти. Тие се согласни дека трговците наоѓаат начин и ја заобиколуваат ограничената маржа. Бараат засилени контроли и казни, бидејќи велат едвај преживуваат, а цените во маркетите никогаш не биле поскапи. Дополнително се продаваат производи со намалена грамажа.
„На рафтовите секој ден различни цени, ги менуваат трговците“ – вели една граѓанка.
„Не се води грижа, пензиите и платите се мали, а цените големи“ – дополни друг.
„Цените се превисоки, неопходно е намалување“ – укажа трет.
Државниот пазарен инспекторат продолжува со засилени контроли, откако се утврди дека трговците продаваат производи со помала грамажа, за да ги заобиколат ограничените маржи. За само еден ден инспекторите изрекле казни од над 2 милиони денари на ланци, низ повеќето градови во земјава. Организацијата на потрошувачи предупредуваше дека трговците ќе ги зголемат цените. До тоа велат немаше да дојде доколку не се укинеше т.н „гарантирана цена“ за изборите.
„На пазарот наоѓаме производи од 75 грама, 900 наместо килограм, со што тие можат уште повеќе да го оштетат потрошувачот, а во овој период се пласираат на пазарот како нови производи, за да се избегне мерката на 75 производи кои се поевтини, што е многу лошо што го прават трговците“ изјави Маријана Лончар Велкова, од Организација на потрошувачи на Македонија.
Трговците ќе се соочат со казни доколку ги отстранат производите од рафтови, они кои се опфатени во 70 отсто и мора да ги имаат истите од претходниот месец.
Од 24-ти септември на сила стапи владината одлука за ограничување на маржите на над 70 основни прехранбени производи. Мерката има за цел да ги намали трошоците за храна, со ограничување на максималната маржа до 10%. Истата ќе трае до крајот на октомври.