Невладините организации денеска продолжуваат со протестите за „должничко ропоство“ . Судот не може да ја земе предвид застареноста ако должникот не се повикал на неа, пишува во Законот за облигациони односи. Во истиот закон се воведе и апсолутна застареност од 10 години од денот на поднесувањето барање за извршување
Три месеци откако се донесоа измените на Законот за облигациони односи со кој се воведе апсолутна застареност на долговите која изнесува 10 години од денот на поднесувањето барање за извршување, во пракса ова одредба, главно, не функционира. Извршителите велат дека тие немаат надлежност да утврдуваат застареност на долгот, па предметите се пренесуваат во судовите каде што на различити нивоа има различни одлуки. Но има и случаи, како што е на пример со најголемата компанија за наплата на долгови „ЕОС матрикс“ која веќе не ја „брка“ наплатата на ваквите долгови. Сите имаат свои аргументи за толкување на регулативата, а граѓанските организации вчера продолжија со протестите против „должничкото ропство“, како што велат.
– Го повикуваме министерот за правда и владата да се изјаснат зошто не се применуваат промените во Законот за облигациони односи од страната на извршителите, а се однесуваат на застарувањето на долгови, изгласаните од Собранието, и во Службен весник објавени пред повеќе од три месеца. Појаснуваме дека согласно Законот за изменување и дополнување на ЗОО (Сл.Весник на РСМ бр.154 од 20.07.2023 година ) во чл.2 се предвидени измени на одредбата од чл.368 од ЗОО, во која е определено дека извршната постапка може да се реализира во рок од 10 години од денот на поднесување на барањето за извршување, после кој рок настапува апсолутна застареност. Ова е во сила, но не се применува. Напоменуваме дека кога закон не се применува, а е во сила, посебно кога не се применува од страна на високи државни службеници, тоа е злоупотреба на службена должност и овластување, согласно член 353 од Кривичниот законик – велат од здруженијата “Човекот над профитот”, “Но Пасаран”, Конфедерација на синдикални организации на Македонија и од Партијата за целосна еманципација на Ромите.
Комората на извршители пак, веднаш по носењето законски измени, во Уставниот суд поднесе иницијатива за преиспитување на измените на Законот за облигациони односи. Според извршителите, регулативата е неприменлива. Од страна на Уставниот суд засега нема никаква одлука.
Извршителот Ванчо Марковски вели дека извршителите немаат надлежност за да утврдат дали некој предмет е застарен или не, тоа го има само судот, но има одлуки и на судот според кои нема застареност.
– Ние не сме надлежни за застареноста. За тоа исклучително е надлежен судот. Судот не може да ја земе предвид застареноста ако должникот не се повикал на неа. Тоа децидно го пишува во член 349 од Законот за облигациони односи. Странките може да се жалат во суд, а има предмети каде во првостепена постапка нивната жалба се одбива, а на Апелационен суд се потврдува. Тоа потврдува дека законот е неприменлив – објасни за „Слободен печат“ поранешниот претседател на Комората на извршители во чие време законот отиде на преиспитување во Уставен суд.
Извршителите објаснуваат дека не секому му одговара ова законско решение и дека може да се направат големи штети на доверителите. Како пример, посочува случај кога еден должник има повеќе долгови. Извршителот не смее да наплати повеќе од една третина од плата, па доверителите чекаат ред. Во таков случај некој доверител може да биде дискриминиран и да не стигне на ред во тие 10 години, за да си го наплати долгот.
Од друштвото за наплата на долгови и откуп на побарувања „ЕОС матрикс“ кое главно наплата ја врши за повеќе банки, велат дека за нив оваа работа е асполвирана.
– Кога имаме побарување што е постаро од 10 години, онака како што е наведено во Законот, за компанијата е апсолвирано дека тоа е застарено побарување. Ние сме дел од германска групација каде законите строго се спроведувааат. Но, сепак ние им се јавуваме на должниците за да им кажеме дека е подобро да си го платата долгот. Затоа што Кредитното биро нема да ги исклучи од должниците, а тоа значи дека во иднина нема да можат никогаш да земат кредит – објасни генералната директорка на „ЕОС матрикс“, Катерина Бошевска.