За граѓаните сè уште енигма кој треба да ги избрише застарените долгови. Извршителите се прогласија за ненадлежни. Ги препраќаат во судот. Нивната и Адвокатската комора со иницијативи до Уставен за оспорување на Законот.
Граѓаните чии долгови се застарени остануваат заглавени во процедурата и со прашање – кој е надлежен за да утврди дека веќе не постојат. Во канцелариите на извршителите им велат не се надлежни и ги упатуваат во суд, бидејќи не сакаат со нивната одлука да нанесат штета на некоја од странките. Од Комората на извршители се децидни – со овие законски измени немаме обврска да утврдуваме нечии права.
Измените на Законот за облигациони односи и оној за извршување што ги усвои Собранието предвидуваат неможност каматата да биде повисока од долгот, и ова право на граѓаните веќе се применува, потврдуваат од граѓанските здруженија. Единствен проблем имаат со непризнавањето на застареност на долгот.
Адвокатската комора во иницијатива до Уставниот суд ги оспорува законските измени. Сметаат дека на овој начин наместо да се стимулира финансиска дисциплина, се насочуваат граѓаните да наоѓаат начини за да избегнат плаќање.
Некои од граѓаните ќе бидат доведени во поповолна позиција од другите, бидејќи нивните обврски ќе престанат (должниците), но затоа, друга група на граѓани ќе остане без своите побарувања (доверители). Ова е пример на очигледна дискриминација – се наведува во иницијативата до Уставниот суд.
Инаку иницијатива за оспорување на овие законски измени имаат поднесено и Комората на извршители.