Сите вработени во Македонски пошти ќе добијат покачување на платите за 3.000 денари. Само неколку часа откако започна генералниот штрајк, синдикатот и раководството на државните Пошти се договорија за линеарно покачување на платите на сите вработени, но етапно.

– Нивниот предлог е линеарно зголемување на платите првенствено на техничкиот процес, од 1 јуни и со оглед на финансиските можности на компанијата за останатите вработени во администрацијата да биде од 1 август. Да, се исполнува нашето барање со компромис каде што согласно финансиските можности нашето барање е да биде веднаш покачувањето, но и ние како синдикати треба да имаме разбирање, изјави Боро Велигденов, претседател на Синдикат на Македонски пошти.

Веќе се формирани и работни групи кои треба да изработат нов колективен договор по барање на синдикатите. Тоа ќе значи целосна реорганизација на претпријатието за да се елиминираат тие вработени кои земаат плата, а не одат на работа. Такви се околу 200, од вкупно 2.164 вработени во Македонски пошти.

Охридската подружница на „Македонска пошта“ го поддржа штрајкот во компанијата.

Одлуката за стапување во генерален штрајк беше донесена на 31-ви минатиот месец, по, како што информираа, неуспешниот дијалог со Управниот одбор на Поштата и Владата и нереализирањето на барањето за повисоки плати. (Крај)