Администрацијата и помошно техничкиот персонал во здравствениот сектор очекуваат од Филипче најмалку 10 процентно зголемување на платите од февруари наредната година. Тоа е црвената линија од која велат дека нема да отстапат а за нивните барања треба да се изборат двата здравствени синдикати кои деновиве ќе имаат средба со министерот за здравство.
-Ние имавме средба со Дамјан Манчевски на која ни беше кажано дека нема проблем да има зголемување на платите. Сега двата синдикати тоа треба да го договорат и администрацијата да биде дел од колективните договори кои ќе треба да ги потпишат, вели Александар Трајчевски од координативното тело на здравствената администрација.
Здравствената администрација и техничкиот персонал очекуваат да бидат вметнати во колективните договори кои уште не ги потпишале синдикатите за зголемувањето на платите на медицинскиот персонал. Пред три недели возачи, спетководители, болничари и готвачи од клиниките протестираа пред Министерството за здравство, зошто за нив нема поголем личен доход кога и тие се важен дел во давањето на здравствени услуги. Не ја исклучуваат можноста повторно да излезат на улица доколку надлежните не најдат решение и за нив.
Само на скопските клиники има околу 1500 вработени кои не се отпфатени со најавеното зголемување на платите од февруари, кога лекарите специјалисти ќе добијат 25 проценти поголема плата а десетпроцентно зголемување ќе добијат медицинските сестри.