Земјоделците ќе добијат „зелена нафта“ од почетокот на наредната година. Процесот на нејзино обезбедување се заокружува, а ќе се реализира преку Платежната агенција за да се избегнат секакви злоупотреби.
Како што изјави денеска министерот за земјоделство Љупчо Николовски по отворањето на Годишниот министерски состанок во Струга, земјоделците ќе добијат „зелена нафта“ предвреме, ако се земе предвид за кога е проектирана оваа владина мерка.
Со оглед дека овој модел на поддршка е нов, сѐ уште се тестира и наскоро ќе биде јавно презентиран.
-Направена е целосно методологијата врз основа на која земјоделските стопанства ќе добиваат „зелена нафта“. Со Платежната агенција се дефинираат процедурите, односно начинот како ќе биде достапна за земјоделците. Во наредните неколку недели заедно со вицепремиерот и премиерот, по затворање на отворените прашања во делот на моделот кој го тестираме бидејќи станува збор за сосема нова мерка која не постоеше досега, ќе го презентираме моделот пред граѓаните и пред земјоделците -рече Николовски.
Ќе се направат, дополни, и пресметки врз основа на апликантите за субвенции во 2019 година за да се проценат вкупните трошоци за кои ќе бидат одвоени дополнителни средства.