Земјите на НАТО потрошиле 191,2 милијарди долари за Украина во последните три години, повеќе од половина од тие средства ги доделиле САД, пренесува РИА Новости, според податоците на украинското Министерство за финансии, Универзитетот во Кил и информации од јавен карактер.

Според извештаите, од 191,2 милијарди долари што ги доби Украина, 43,3 милијарди се наменети за социјална помош, 13,4 милијарди за хуманитарна помош и 133,4 милијарди за воени потреби.
Околу 54 отсто или 103,8 милијарди долари издвоиле САД. Во исто време, Америка беше најголемиот снабдувач на оружје за Украина (68,9 милијарди долари), но и најголемиот финансиер на украинскиот буџет (31,2 милијарди долари).
Германија на Украина и даде 17 милијарди долари, што е 8,9 отсто од вкупната помош, додека на трето место е Велика Британија со 14,8 милијарди или 7,7 отсто од вкупната помош што НАТО ја додели за Киев.

Во првите 10 земји беа вклучени и Канада (8,3 милијарди долари), Данска (7,95 милијарди долари), Холандија (7,5 милијарди долари), Шведска (5,3 милијарди долари), Франција (4,8 милијарди долари), Полска (3,9 милијарди долари) и Норвешка (3 милијарди долари).
Останатите 22 земји исплатија вкупно 14,8 милијарди, што е 7,7 отсто од вкупната помош доделена од НАТО за Украина.