Ниту една година не ги задоволуваме потребите од пченица и покрај тоа што имаме капацитет, имаме земјиште, но немаме поддршка од државата. Лани беа произведени само 120 илјади тони, а нам ни требаат 400 илјади тони. Ако продолжи ваквата погубна политика на државата кон земјоделците, догодина сите ќе се откажат од сеење пченица. Моментално мелничарите ја откупуваат по 9 денари, а нас нè чини 18 денари за килограм. Оваа година има 10-20 отсто повеќе посеани површини, поради тоа што министерот за земјоделство лани ни вети дека целата ќе биде откупена по прифатлива цена, но сега не е така – изјави Мемет Синани од Националната федерација на фармери.
Државата повторно ги извиси земјоделците. Поради војната во Украина и глобалниот недостиг од пченица, Владата лани побара од земјоделците да ја засеат со пченица секоја слободна педа земја и им вети дека ќе биде откупена по прифатлива цена. И покрај тоа што годинава, по барање на ресорното Министерство, површините се зголемени за 10 до 20 отсто, откупната цена е многу ниска и моментално изнесува 9 денари за килограм. Оваа цена е далеку од рентабилна, бидејќи земјоделците ги чини 18 денари за килограм, поради тоа што есента, за време на сеидбата, дизелот беше над 100 денари за литар, а ѓубривата 3.000 денари за вреќа.
– Ние во Македонија ниту една година не ги задоволуваме потребите од пченица и покрај тоа што имаме капацитет, имаме земјиште, но немаме поддршка од државата. Лани беа произведени само 120 илјади тони, а нам ни требаат 400 илјади тони. Ако продолжи ваквата погубна политика на државата кон земјоделците, догодина сите ќе се откажат од сеење пченица. Моментално мелничарите ја откупуваат по 9 денари, а нас нè чини 18 денари за килограм. Оваа година има 10-20 отсто повеќе посеани површини, поради тоа што министерот за земјоделство лани ни вети дека целата ќе биде откупена по прифатлива цена, но сега не е така – изјави за весникот ВЕЧЕР Мемет Синани од Националната федерација на фармери.
Тој додава дека се доведени во ситуација да бидат изиграни од државата, односно да произведат повеќе, а потоа да бидат во загуба.
– Со оваа цена што ја нудат мелничарите од 9 денари, во ниту еден случај не ги покриваме трошоците. Ниту е исплатлива ниту е прифатлива. Нашите трошоци, според пресметките, неофицијално, се за цена од околу 18 денари за килограм. Разликата ќе ја побараме од државата за да не бидеме со загуба – додава Синани.
И со дополнителните 3 денари што ги дава државата за продаден килограм пченица кај регистрирани откупувачи, откупната цена достигнува 12 денари и не е рентабилна. Поради тоа, земјоделците бараат од државата да ја покрие разликата од производствената до продажната цена за да не останеме без оваа стратешка култура.
Законот за земјоделство предвидува кога откупните цени се под производствените, државата да изврши интервентен откуп за стоковни резерви со цени од најмалку 25 отсто над пресметаните производни цени и со тоа да се заштити домашното производство на житните култури, кои, според закон, се стратешки култури од суштинско значење за државата и за граѓаните.
– И овие 3 денари што ни ги ветија, прашање е дали воопшто ќе ги добиеме. Министерот само ветува, а годинава не дојде на ниту еден состанок во Министерството за земјоделство, кој се одржува меѓу земјоделците, мелничарите и трговците – вели Синани.
И од Асоцијацијата на земјоделци и фармери на Македонија велат дека со оваа цена што ја нудат мелничарите, во ниту еден случај не ги покриваме трошоците и ќе бараат од државата да ја покрие разликата и да бидат обесштетени.
– Не се откажуваме од нашите барања државата да ја плати разликата во цената. Како земјоделци, сме вложиле труд и средства. Доколку несериозно сака да постапи државата, ќе настојуваме или преку договор или преку незадоволство со протести – изјави Перо Стојкоски, претседател на Асоцијацијата на земјоделци и фармери на Македонија.