За да остварат поголем профит и да имаат повеќе можности, земјоделците треба да се здружуваат во задруги. Според Ѓорѓи Арнаудов, претседател на Мрежата на земјоделски задруги, задружниот модел е вистинското решение за решавање на проблемите на земјоделците.

„Заканите од глобална природа, заканите од интерна природа, спецификите од неразвиеноста на земјоделието и грешките кои се правени во изминатиот период, единствено можат да се решат со здружување,“ изјави Арнаудов.

На меѓународниот ден на задругарите, кој годинава се одбележа во Свети Николе, Арнаудов констатира дека процесот на задругарство во Македонија се одвива многу споро, главно поради недостаток на институционална поддршка.

„Финансиската поддршка, која министерството законски ја имаше пропишано со претходниот Закон за земјоделски задруги, популарната мерка наречена 131, беше нередовна и опфаќаше многу мал број задруги. Мора да бидеме покреативни и поодговорни, да ги ставиме на преден план интересите на земјоделците и да изградиме заедничка платформа и стратегија за развој, од која подоцна ќе произлезат акциони планови,“ додаде Арнаудов.

Земјоделието решава проблеми од егзистенцијална природа, но македонските земјоделци не можат да ги покријат елементарните трошоци и да направат проста репродукција.

„Потребно е да се подобри политиката кон земјоделецот, да му се олеснат трошоците за да имаме подобар приход и да бидеме добар пример за младите, за да останат тука и да се занимаваат со оваа гранка,“ изјави Рахела Транталовска, задругар.

На национално ниво се регистрирани само 50 земјоделски задруги со минимален број вработени, што претставува 0,3% од вкупно 175,000 земјоделски стопанства.