ЛАГ Агро Лидер започна со имплементација на новиот проект во соработка со УСАИД насловен како „Развој на деловниот еко систем“, чија главна цел е зголемување на профитот на компаниите во земјоделскиот сектор и генерирање на нови работни места. Ваков вид на проект за прв пат се реализира во Македонија, а преку него се отвораат можности компаниите да инвестиираат во добавувачите и нивно поголемо поврзување со цел да се зголеми профитот и на двете страни.
„Со овој проект ќе овозможиме осовременување на фарма, модернизација со опрема, а воедно ќе градиме социјална кохезија, односно мотивација фармерите да се здружат и заеднички да соработуваат, со цел заеднички бенефити. Преку купување на три опреми, машини, би се вклучиле околу 10 фарми, а бенефит би имале околу 50 фарми на територијата на Прилеп, Долнени, Крушево, Кривогаштани, а воедно ќе се опфати и дел од територијата на Општина Битола. Значи со осовременувањето и обуките кои што ќе се спроведат на самите фарми кои што се вклучени во овој проект, ќе се овозможи да се внесат добри практики, да се зголеми продуктивноста на самата фарма, а воедно да се обезбедат и вработувања со обучен персонал на фармата“, рече Марина Тошеска, ЛАГ Агро Лидер.
Со проектот планирано е да се набават ролобалирачка, современа ТМР машина за проток на балансирана исхрана на фармата, а ќе се набавело и бокс за режење на папци бидејќи фармерите се соочуваат со недостииг на добра опрема и недостиг на обучен персонал, а здравјето на животните влијае врз нивната продуктивност.
– Со 50% прии набавката на оваа опрема учествува УСАИД, а во останатиот дел учествуваат еден поголем фармер, млекара и фабрика за производство на сточна храна.
Опремата ќе биде во сопственост на 3 млечни фарми кои генерираат вработувања, а под надзор на ЛАГ Агро Лидер.
„Овој проект е всушност пилот проект, кој што го спроведува ЛАГ Агро Лидер, а се спроведува на териториите на општините Кривогаштани и Крушево и околните населени места. Како што кажавме е пилот проект и во зависност од резултатите кои што ќе ги покаже и ќе бидат мерливи според веќе дадените индикатори и показатели, дали ќе има дополнително продолжување на останатите територии или не, ќе се знае согласно индикаторите по завршувањето на имплементацијата на проектот“, истакна Даниела Цветаноска, ЛАГ Агро Лидер.
Опремата се очекува да пристигне кон средината на јуни.