Задолжувањето на државата продолжува и годинава, покажува статистиката на министерството за финансии. Во првите шест месеци годинава јавниот долг на земјава изнесува 47,7 отсто од БДП, а во истиот период лани изнесувал 46,1 отсто. Македонија во првото полугодие од годинава е задолжена за 431 милион евра повеќе, споредено со првите шест месеци од 2017 година.

Државниот долг, пак, во периодот јануари-јуни годинава, во однос на истиот период лани, е зголемен за 415 милиони евра, односно ако лани процентуално изнесуваше 38 отсто, годинава изнесува 39,9 проценти од проектираниот БДП.

Неодамна една од трите најзначајни Агенции за кредитен рејтинг, Фич, го потврди кредитниот рејтинг на земјава. Иако во нивниот извештај стои оценка дека растот на БДП за годинава би бил 2,7 отсто, надлежните од земјава не отстапуваат од своите проекции дека годината ќе се заврши со 3,2 проценти раст на БДП. Инаку, во првиот квартал Македонија оствари раст на БДП од само 0,1 осто.