Највисок процент од испитаниците одговорија дека пазарат во супермаркетите (85%), што е за само 1% процентен поен повеќе од лани. Во споредба со 2021 година, разликата 4 процентни поени. Ова значи дека постои тренд на зголемување на пазарењето во супермаркетите.
БРИМА, која е прва агенција за истражување на јавното мислење и пазарот во Северна Македонија, повеќе од дванаесет години го спроведува омнибус-истражувањето од кое ги добивме резултатите за анализата во врска со пазарењето на граѓаните и навиките за онлајн-пазарењето што го вршат за потребите на нивните домаќинства. Истражувањето се спроведува 4 пати во годината, односно на секои три месеци (февруари, мај, август и ноември), и ова истражување има многу бенефити од аспект на тоа дека лесно може да се следи одреден тренд, односно да се следат промени во одредени параметри (како навики, ставови и слично) на подолг временски период. А сето тоа е возможно и компарабилно поради фактот што секое истражување следи исти методолошки правила. Резултатите за оваа тема анализирани подолу се од истражувањето спроведено во февруари 2021 – март 2021 на примерок од 1.200 граѓани на Македонија, национално репрезентативен примерок на популација 15+ години во домовите на испитаниците и сегашното истражување кое е спроведено во февруари 2024 година (со ист тип и големина на примерок). Истражувањата се спроведени со помош на TAPI (Tablet Assisted Personal Interview) методата, а се направени со член од семејството на кого прво му доаѓа роденденот. Маргината на грешка е +/- 2,81%. Примерокот се подготвува на ист начин во сите истражувања: повеќестепен стратификуван репрезентативен примерок на Македонија.
Омнибус-истражувањето е едно од многуте различни типови истражувања што ги спроведува БРИМА, а се разликува од другите истражувања по тоа што клиентите ги делат трошоците за неговото спроведување и секој клиент поединечно учествува со сопствени прашања и ексклузивност во користењето на резултатите.
Карактеристично за БРИМА е што се истакнува со употреба на различни методологии, а како дел од „Кантар“ се користат брендирани алатки кои лесно се применуваат во рамките на FMCG-секторот. Овие истражувања се однесуваат на задоволство на клиентите од услугите на угостителите, таен купувач (Mystery Shopping); навики и ставови (U&A) на корисници на разни производи/услуги; истражувања во врска со одредени програми за лојалност; истражувања наменети за одредени таргет-групи и други ад хок и брендирани солуции (NeedScope, BrandZ, Link+, AdNow, TRI*M, Conversion Model и најново е Kantar Marketplace, но и други брендирани решенија).
Исто така, секој читател може да стане панелист со регистрација на платформата seeintouch.mk и да се стекнува со поени преку одговарање на онлајн-анкети кои понатаму има право да ги искористи како ваучери за пазарење.
На прашањето: Каде сѐ најчесто пазарите намирници за потребите на домаќинството? (со можност за повеќе одговори) во највисок процент тие одговараат дека пазарат во супермаркетите (85%), што е за само 1 процентен поен повеќе од минатиот бран спроведен во 2023 година. Ова значи дека нема промени во однос на минатата година, меѓутоа, во однос на истражувањето спроведено во 2021 година се забележливи 4 процентни поени разлика, со што можеме да заклучиме дека постои тренд на зголемување на пазарењето во супермаркетите во државата. 49% од граѓаните одговараат дека пазарат најчесто во минимаркет/бакалница, што претставува намалување во споредба со минатите години (55% во 2023 исто како и истражувањето во 2021 година). На отворен/зелен пазар купувањето се зголемува за 9% процентни поени, што е забележлива разлика во споредба со 2023 година, но не и во споредба со 2021 година. Земајќи ги предвид промените во трите брана 2021, 2023 и 2024 година, се забележува тренд на намалување на купувањето по отворени/зелени пазари. Се забележува истиот тренд на намалување на купувањето во специјализирани продавници како месарници и слично во однос на трите години иако постои зголемување во купувањето ако се споредат 2024 и 2023 година (34% во 2024, 26% во 2023, 39% во 2021). Намалување на купувањата во тобако/киоск се забележува во 2024 во споредба со 2023 година каде што 7% од испитаниците велат дека често купуваат за потребите на домаќинството, што е за 7 процентни поени помалку отколку во 2023 година. Спонтано се јавува одговор на ова прашање во поглед на онлајн-пазарењето каде што повеќе од 3% од испитаниците велат дека најчесто пазарат за потребите на домаќинството, што е за 1 процентен поен повеќе од 2023 година. Види графикон 1.
Вардарскиот (95%), Југозападниот (92%) и Источниот Регион (92%) се истакнуваат како региони во кои во највисок процент се пазари во супермаркетите за потребите на домаќинствата, додека пак најмалку се пазари во Скопскиот (78%) и Североисточниот Регион (82%). Но, и покрај тоа што во Скопскиот Регион респондентите велат дека најмалку пазарат во супермаркетите во споредба со другите региони, тоа се многу повеќе лица отколку во другите региони. Минимаркетите/бакалниците се најпосетени од граѓаните од Полошкиот (79%) и Североисточниот Регион (74%), додека пак се најмалку посетени од граѓаните од Југоисточниот (34%), Источниот (35%) и Југозападниот Регион (38%). Големи разлики се забележуваат и во посетите на отворените зелени пазари каде што само 12% се посетени во Југозападниот, а 19% во Југоисточниот Регион. Зелените пазари се најпосетени во Вардарскиот (67%) и Полошкиот Регион (63%). Што се однесува до специјализираните продавници како пекарници, месарници и сл., во највисок процент ги посетуваат граѓаните од Полошкиот (56%) и од Вардарскиот Регион (55%), а најмалку од Југоисточниот (17%), Југозападниот (11%) и Скопскиот Регион (28%).
Следно, анкетираните одговараа дали следат попусти/акции кои се промовирани од маркетите/супермаркетите. Од графиконот 2 може да се увиди дека висок процент (двајца од пет анкетирани или 40%) редовно следат промоции за потребите на домаќинствата, што е статистички значајно зголемување во споредба со 2023 година кога 28% од респондентите изјавиле дека редовно ги следеле промоциите. Високата инфлација и поскапувањето низ годините ги претворија оние што повремено следеле промоции во редовни следачи на промоции. Па така, минатата година 44% изјавиле дека повремено следат промоции, додека пак годинава тој процент паѓа на 36%. Се забележува мала промена кај тие што не следат промоции – во 2023 година 26% изјавиле дека не следат, додека во 2024 година 23%. Анкетираните од македонска националност во повисок процент редовно ги следат промоциите отколку анкетираните од албанска националност (43%:34% соодветно).
За крај, може да заклучиме дека се зголемува трендот на пазарење во супермаркетите, а од друга страна се намалува пазарењето во минимаркетите. Што се однесува до следењето на промоциите на супермаркетите, две петтини од анкетираните граѓани редовно ги следат. Тие граѓани се најмногу концентрирани во Скопскиот, Источниот и во Југоисточниот Регион и се со пониски приходи.
Извор: ИнСторе.мк