Во ноември годинава, на годишно ниво, вкупните депозити забележале раст од 11,0%, а вкупните кредити од 9,7%, соопшти Народна банка.

Паричната маса во ноември, бележи месечен раст од 0,6%, пред сè поради растот на долгорочните депозити до две години и
депозитните пари, при помал позитивен придонес и на готовите пари во оптек, додека краткорочните депозити забележаа пад. Годишниот раст на паричната маса изнесува 9,1% и е резултат на растот на депозитните пари, долгорочните депозити
до две години и готовите пари во оптек, во услови на забележан пад кај краткорочните депозити.

Во ноември, вкупните депозити се зголемени за 0,9% на месечна основа во целост како резултат на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, додека депозитите на корпоративниот сектор се намалија. Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити забележаа раст од 11,0%, поради повисоките депозити на двата сектора, со поголем придонес на депозитите на секторот „домаќинства“.

Вкупните кредити, пак, се зголемени за 0,7% и 9,7% на месечно и на годишно ниво, соодветно. Притоа, месечниот и годишниот раст се резултат на зголемените кредити на двата сектора, со поголем придонес кон растот на кредитите
на корпоративниот сектор.

‒ Овој месец, вкупните депозити на корпоративниот сектор забележаа надолна месечна промена од 0,6%. Промената произлегува од намалувањето на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, во услови на остварен раст на краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити, во денари и странска валута. Годишниот раст изнесува 7,0% и е резултат на повисоките депозитни пари, долгорочните депозити во странска валута и долгорочните и краткорочните
депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута забележаа пад.

Кредитите на корпоративниот сектор, остварија месечно зголемување од 0,8% коешто се должи на зголеменото кредитирање во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари. Споредено на годишна основа, растот од 11,5% во целост произлегува од зголемените кредити во денари, во услови на пад на кредитите во странска валута.

Во ноември, кај вкупните депозити на домаќинствата е забележан месечен и годишен раст од 1,9% и 13,3%, соодветно. Притоа, растот кај двете основи во целост е резултат на зголемените депозитни пари и долгорочните депозити, додека
краткорочните депозити бележат намалување.

Кредитите на домаќинствата се зголемени за 0,7% на месечно ниво, како резултат на речиси подеднаков раст на кредитите во странска валута и во денари. На годишно ниво е забележан раст од 8,2%, којшто во поголем дел се должи на кредитите одобрени во денари.

Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во ноември, најзастапените категории − потрошувачките и станбените кредити бележат месечно зголемување од 0,7% и 1,2%, соодветно, при годишен раст од 7,3% и 11,6%, соодветно. Овој месец, автомобилските кредити се намалија за 0,7% на месечна основа, додека на годишна основа растат за 10,8%. Кредитите одобрени на кредитни картички, во ноември, забележаа месечен и годишен пад од 1,0% и 9,2%, соодветно. Во ноември, негативните салда на тековните сметки и кредитите одобрени врз други основи бележат месечно намалување од 4,7% и 0,3%, соодветно, при остварено годишно намалување од 4,8% и 14,3%, соодветно, се неведува во соопштението од Народна банка.