Светска банка предложи серија мерки за стабилизација на буџетот на Македонија, вклучувајќи зголемување на ДДВ за 1%, покачување на акцизите за цигари и зголемување на старосната граница за пензионирање. Овие мерки се препорачуваат со цел да се обезбедат дополнителни приходи, но носат и сериозни ризици, особено за пониските категории на население.
Зголемувањето на ДДВ е една од најчесто применуваните мерки за пополнување на буџетот, но мора да се внимава за да се заштити социјално ранливото население. Професорите Абил Бауш и Ванчо Узунов се согласуваат дека оваа мерка би довела до зголемување на цените на производите и услугите, што ќе има сериозен удар врз куповната моќ на граѓаните, особено на оние со пониски приходи.
Бауш нагласува дека зголемувањето на ДДВ за 1% може да донесе дополнителни 80-100 милиони евра годишно, но да се обезбедат компензациони мерки, како што е намалување на ДДВ за основните производи.
Од друга страна, професор Узунов предлажа прогресивно зголемување на данокот на личен доход и добивка, што би имало помалку влијание на сиромашните. Тој истакнува дека ДДВ го погодува секого, вклучувајќи ги и оние со пониски приходи, и предлажа опција каде би се опфатиле повеќе даноци на богатство.
Покачувањето на старосната граница за пензионирање е уште една важна препорака. Професор Бауш објаснува дека пензискиот систем е под голем фискален притисок поради низок однос помеѓу работоспособното население и пензионерите (1.5:1), што создава дополнителен товар за буџетот. Зголемувањето на старосната граница за пензионирање би ја намалило оваа дупка и би овозможило продолжување на активниот работен век на граѓаните, но оваа мерка не е без ризици. Професорот истакнува дека ако не се воведат мерки за вработување на постарата популација, ова може да доведе до зголемување на невработеноста и социјални напнатости.
Светска банка ја поддржува оваа мерка со цел да се намали притисокот врз пензискиот фонд и да се обезбеди поголема финансиска стабилност. Меѓутоа, ова е непопуларна мерка и може да предизвика отпор, особено во изборна година. Професорите сметаат дека Владата треба да ги преземе непопуларните мерки, бидејќи тие се клучни за одржување на долгорочната економска стабилност.