Синдикатите предупредуваат дека растот на минималната плата од март идната година ќе направи хаос со останатите за нијанса повисоки плати, оти со најавеното покачување на 22.500 денари нема веднаш да се зголемат и другите плати.
Тие бараат од Владата да гарантира дека покачувањето на минималецот ќе биде проследено со пропорционално зголемување на сите плати, соодветно на квалификацијата и одговорноста на работниците.
Ова барање на синдикатите доаѓа по најавата дека минималната плата ќе се зголеми од 21.180 денари на 22.500 денари од март 2024 година.
Според властите, оваа мерка ќе ја подобри животната состојба на најслабо платените работници и ќе ја стимулира потрошувачката моќ на населението.
Но, не сите работници се задоволни со оваа најава. Некои од нив, кои работат за плата која е малку повисока од минималната, реагираат дека зголемувањето на минималната плата ќе ги изедначи секторите и ќе го намали нивниот статус и мотивација.
Една од нив е и Марија, продавачка во салон на мебел во скопско Визбегово, која вели дека нејзината плата во моментов изнесува 22.500 денари, околу 1.300 денари повеќе од минималната плата што ја добиваат хигиеничарките во фирмата. Но, со зголемувањето на минималецот на 22.500 денари, практично таа ќе добива иста плата со хигиеничарката.
„Не е праведно да се плаќа исто работата на продавачка и на хигиеничарка. Јас имам повеќе одговорности, треба да ги знам сите детали за мебелот, да ги убедувам клиентите, да ги следам нарачките, да ги решавам проблемите, работам со пари, издавам фактури… Хигиеничарката само треба да го чисти салонот. Не дека не ја ценам нејзината работа, ама не е исто ниво на квалификација и напор. Ако ја зголемат минималната плата, треба да ми ја зголемат и мојата плата, инаку ќе се чувствувам обесправена”, вели Марија.