Речиси 80 отсто од жените бизнисменки сметаат дека потребна е поголема посветеност на државата во однос на женското претприемништво. Анализите покажуваат дека на жените им недостасуваат програми, мерки и финансиска поддршка за да решат да отпочнат соспствен бизнис. Жените претприемачи помош побараа од централната но и од локалните власти.

Секоја втора, или 50 отсто од жените бизнисменки во Македонија смета дека недостасуваат програми за жените за отпочнување на сопствен бизнис. Податоците од Националната платформа за женско претприемништво покажуваат дека неопходни се владини мерки, со кои ќе се даде поддршка на женските бизниси. Од Центарот за управување со промени кој се занимава со оваа проблематика упатуваат апел до централната и локалната власт и напоменуваат дека потребни се адекватни мерки и политики за поддршка на претприемачките во пристапот до финансирање на женските бизнис идеи за основање, раст и развој на компаниите.

„Во иднина корисни би им биле микрокредитните програми, оформувањето на државен фонд за отпочнување и развој на бизниси, како и грантови и субвенционирања на трошоците за камати, но и програмите со нови облици на финансирање. Од особено значење би им било донесување на мерка за дигитализација со цел трансформирање на бизнисите, која ќе овозможи едукација на жените – дигитална писменост, како и фискална поддршка за капитални инвестиции“, потенцираа од Центарот за управување со промени.

Анализите на оваа организација покажуваат дека секаде во светот па и кај нас, женското претприемништво значително ќе порасне со примената на новите дигитални технологии. Жените претприемачки и во Македонија веќе се препознаени како клучни придонесувачки за раст на националните економии и подобрување на условите на локално ниво. Во текот на оваа тригодишна пандемија постои проектот „Мерки за зајакнување на женски бизниси по Ковид-19“ преку кој се овозможени неколку иницијативи за развој на мали женски бизниси и насоки како да се прошират и воведат иновации во своето работење. Од ЦУП додаваат дека мерката за унапредување на занаетчиките ќе ги подобри условите за нивно функционирање и опстојување, една од мерките која се потенцираше е мерка за намалување на сивата економија која директно и драстично би ги намалила приходите на регистрираните занаетчики.

„Во комуникација со туристичката комора, согледано е дека последиците од Ковид кризата во туризмот беа најевидентни. Затоа како мерка потребна е силна поддршка од државата, финансиска, но и во форма на промоција. Финансиските пакети изминатиот период дадоа ефект на краток рок, но секторот туризам, за да може да продолжи да се враќа во нормална и дополнително да се развива, поддршката мора да продолжи“, додаваат од ЦУП.

Во земјава постои државна стратегија за женско претпиемништво за периодот од 2019 до 2023 година. Во неа се наведува дека стратегијата за развој на женското претприемиштво во Македонија има за цел економското јакнење на жените преку создавање на поволна бизнис клима и обезбедување поддршка за развој на нивниот претприемнички потенцијал со што ќе се придонесе кон развојот на постоечките и отворање на нови претпријатија, креирање на нови работни места, а со тоа и јакнење на целокупната економија. Од податоците може да се заклучи дека жените во земјава имаат подобро образование од мажите, но сепак посилниот пол е повеќе застапен на раководните позиции во компаниите или се јавува во повеќе случаи како сопственик на бизнис во однос на понежниот пол.

„Во Македонија има повеќе жени отколку мажи со вишо и високо образование во старосните граници 20-24 (3% наспроти 2%), 25-29 (14% наспроти 9%) и 30-39 години на старост (14% наспроти 11%), така да образованието не е причина за пониски претприемнички активности во споредба со мажите. Меѓутоа, жените почесто завршуваат додипломски студии од областите на општествени и хуманистички науки, отколку од техничко-технолошките области и биотехничките науки, што може да делува на можноста за започнување на деловен потфат, а слична е ситуацијата и со последипломските студии (магистериуми, докторати). Во Македонија жените имаат малку пониска перцепција за приликите од мажите (29% наспроти 32%), но повисоко ниво на страв од неуспех (43% наспроти 36%) и ниско ниво на самодоверба во однос на сопствените компетенции за започнување на деловен потфат (46% наспроти 64%), што укажува дека факторите / пречките од околината имаат поинакво влијание кај жените отколку кај мажите (на пр. жените потешко доаѓаат до финансиски средства, послабо се вмрежуваат, немаат доволно поддршка во организацијата на семејниот живот – на пр. доволно места во детските градинки, сместувачки капаците на домовите за стари лица), па дека се послабо вмрежени (24% жени познава лично некој претприемач наспроти 38% мажи) што и беше потврдено на организираните фокус групи. Тоа доведува и до разликата во интенциите за започнување на деловен потфат (23% жени наспроти 33% мажи)“, стои во стратегијата.

Од вкупно 793 илјади вработени граѓани во Македонија  нешто над 470 илјади се мажи а 323 илјади се жени. Во однос на неактивното население, односно граѓаните кои не се во работен однос а дополнително тие не ни бараат работа се 741 600 граѓани, 278 илјади од нив се мажи а останатите 463 илјади се жени.