Во Македонија има ниско учество на жените на пазарот на трудот. Ова е заклучокот од истражувањето на Институтот за економски анализи Finance Think. Жените во Македонија имаат ниска стапка на учество на пазарот на трудот, која изнесува 42,8%, а тоа е под глобалниот просек од 48,7% и под просекот на Европската унија од 52,3%.
Податоците велат дека пандемијата ја влошила ситуацијата, со значителен пад на женското учество од 46,6% пред кризата. Доколку се направи споредба, стапката на учество на мажите е значително повисока, околу 62%. Наодите на експертите откриваат неколку клучни фактори кои влијаат на ваквата сосотоба и тоа, ограничена поддршка за детска грижа, недостапност на флексибилни работни аранжмани, културни бариери, и зголемени домашни обврски.
Кога некоја држава се соочува со ваков тип на ситуација тоа води до неисполнет економски потенцијал, што негативно влијае врз економскиот раст и продуктивноста. Пораката на Finance Think е зголеменото учество на жените на пазарот на трудот, бидејќи на тој начин ќе има постигнување родова еднаквост, економска стабилност на семејствата и подобрување на социјалната благосостојба. Иако законодавната рамка во Македонија предвидува закони и стратегии за подобрување на учеството на жените во економијата, постојат значителни предизвици во нивното спроведување, како што се недоволните мерки за поддршка при родителско отсуство и ограничените услуги за детска грижа, додаваат од Институтот.
„Целта на овој бриф е да се претстават причините за неактивноста на жените на пазарот на трудот во Северна Македонија, врз основа на анализата на културните норми, родовите стереотипи, и индивидуалните ставови кон работата, како и личните и семејните карактеристики на жените. Преку податоци, истражуваме како овие фактори заемно влијаат на учеството на жените во работната сила, со посебен фокус на грижата за децата и домашните обврски. Податоци и методологија Во анализата ги користиме податоците од Европското истражување на вредностите (ЕИВ) од 2019 година за Северна Македонија, кое обезбедува информации за социјалните и културните вредности на 1.117 лица постари од 18 години. За разлика од традиционалните анкети, кои се фокусираат на вработеноста, ЕИВ ни овозможува да испитаме како културните норми и родовите стереотипи влијаат на учеството на пазарот на трудот. Методолошки, користиме факторска анализа и анализа на главни компоненти за да ги идентификуваме клучните фактори што влијаат на неактивноста, како што се ставовите за работа, дискриминација, родови стереотипи, и традиционални улоги. Потоа, користиме пробитмодел за да ја процениме веројатноста за неактивност, земајќи предвид различни демографски и социо-културни фактори“, велат од Finance Think.
Во анализата се наведени 4 фактори кои придонесуваат за неактивноста на жените на пазарот на трудот и тоа првиот фактор, кој објаснува 57,8% од варијансата, се однесува на родовите стереотипи, дискриминацијата и културните норми за грижа за децата. Овој фактор покажува дека вкоренетите општествени перцепции за родовите улоги и дискриминацијата врз основа на пол играат клучна улога во ограничувањето на учеството на жените во работната сила. За експертите вториот фактор, кој е 37,5% од варијансата, ги опфаќа ставовите кон работата и нормите за грижа за децата. Позитивните ставови кон работата ги мотивираат жените да се вработат, додека негативните ставови и традиционалните одговорности за грижата за децата ги одвратуваат од активност на пазарот на трудот. Од Finance Think велат дека третиот фактор ги опфаќа културните норми за грижата за децата, што покажува дека приоритетите поврзани со домашните одговорности силно влијаат врз учеството на жените на пазарот на трудот. Четвртиот фактор се однесува на домашните обврски, кои традиционално се перципираат како женски задачи, што дополнително го ограничува нивното време и можности за вработување.
„Нашата анализа откри дека родот игра значајна улога во неактивноста на пазарот на трудот во Северна Македонија. Жените се изложени на поголема веројатност да бидат неактивни во споредба со мажите, со зголемена веројатност од 8,8% до 22,3%, што се должи на традиционалните родови улоги, особено улогата на домаќинка. Ова го нагласува влијанието на социјалните и културните норми што ги форсираат жените да се посветат на семејните и домашните обврски, наместо на професионален ангажман. Образованието се покажа како значаен фактор кој ја намалува веројатноста за неактивност. Жените со повисоко ниво на образование имаат помала веројатност да се откажат од работата заради семејни или други причини. Ова укажува дека образованието обезбедува економска сигурност и поголема слобода за жените да останат активни на пазарот на трудот. Брачната состојба е исто така важен предиктор. Бракот, генерално, ја намалува веројатноста за неактивност, веројатно поради финансиската стабилност што ја носи брачната заедница. Сепак, присуството на деца во домаќинството може да ја зголеми веројатноста за неактивност, иако овој ефект не е секогаш статистички значаен. Ова покажува дека, иако децата ги зголемуваат обврските во домаќинството, ова не е секогаш доволно силен фактор да ги извади жените од пазарот на трудот, туку зависи од дополнителни околности како поддршка и финансиска сигурност. Здравствената состојба е уште еден важен фактор, при што лошото здравје ја зголемува веројатноста за неактивност. Ова е очекуван резултат, бидејќи болест или инвалидитет се често наведувани причини за повлекување од работната сила. Кога ги разгледавме родителските фактори, откривме дека образованието на таткото има заштитен ефект врз неактивноста на испитаникот, што укажува дека семејното потекло игра улога во можностите за активност на пазарот на трудот“, стои во анализата
Резултатите од анализата покажуваат дека родовите стереотипи, ставовите за работата, и културните норми поврзани со грижата за децата и домашните обврски играат значајна улога во неактивноста на жените на пазарот на трудот. Поради тоа, во анализа се користат повеќе категории на жени со различна возраст, образование, брачна состојба, број на деца и здравствена состојба. Овие фактори се комбинираат со четирите главни компоненти во нашиот модел. За жените на возраст од 18 до 34 години, само негативните ставови кон работата значително предвидуваат неактивност, што укажува на тоа дека младите перцепции за работата влијаат на нивната активност. За овие жени, родовите стереотипи и културните норми се помалку важни, што може да се смета за позитивна промена. Во групата од 35 до 49 години, негативните ставови продолжуваат да играат улога, со поголем ефект и почнуваат да се чувствуваат родовите стереотипи, укажувајќи на зголемен притисок. За жените на возраст од 50 до 64 години, ставовите кон работата и традиционалните културни норми значително влијаат на неактивноста. Конзервативните ставови во врска со домашните обврски создаваат значителен притисок, особено поради историјата на транзицијата во Македонија, која оставила многу жени без работа во 90-тите години.