Преку проектот, компаниите од хотелско-туристичкиот сектор ќе може да ангажираат дополнителна работна сила во врвот на сезоната
Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ) им нуди можност за дополнителна заработка на жителите на Охридско-струшкиот Регион преку пилот-мерка поддржана од Меѓународната организација на трудот (МОТ), со која е изработена платформа за посредување при вработувања во туризмот. Можат да се пријават сите компании од хотелско-угостителскиот и туристичкиот сектор, а во базата може да се регистрираат и сите заинтересирани работници, за кои е предвидена и обука.
Според претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески, ова е можност легално да се заработат пари со дополнителни 40 работни часа месечно, а компаниите од хотелско-туристичкиот сектор ќе може да ангажираат дополнителна работна сила во врвот на сезоната. Работодавачите ќе исплаќаат дневници за келнери, шанкери, собарки и готвачи, а придонесите ќе се плаќаат преку проектот кој е финансиран од ЕУ.
„За почеток, дневниците ќе бидат 1.500 денари за келнери и шанкери, а за готвачи од прва класа околу 3.000 денари, работата ќе биде пријавена, а придонесите за истата ќе бидат платени. Ќе бидат ангажирани само во одредени денови и има одредено ограничување колкумина би можеле да извршуваат таква работа“, вели Блажески.
Славица Гашоска од ХОТАМ вели дека со оваа пилот-мерка, на работодавачите, покрај придонесите, ќе им се олеснат и административните работи во врска со пријавувањето на краткорочните вработувања.
Според хотелиерот Зоран Михајлоски, проектот има за цел да ги мотивира работодавачите да ги пријавуваат вработените и да ги исплаќаат на време сите придонеси.
„Реализацијата на проектот почнува во март. Првите два месеца ќе работиме на обуки на работниците кои ќе сакаат да се ангажираат во туризмот. Ќе бидат опфатени сите потребни работни места“, вели Михајловски.