Просечниот Македонец за една година се задолжил за дополнителни 100 евра. Сега на банките им должи 1.122 евра.
Според последните податоци на Народната Банка (НБРМ) вкупните кредити дадени на домаќинствата во февруари годинава достигнале 2 милијарди 327 милиони и 886 илјади евра. Истиот месец лани оваа сума изнесувала 2 милијарди 117 милиони и 691 илјади што значи дека за една година пораснала за вкупно 210 милиони и 195 илјади евра односно за 9.93%.
Ако се земат предвид податоците од Државната статистика дека Македонија има вкупно население од 2 милиона 73 илјади и 702 луѓе се доаѓа до запрепастувачкиот податок дека еден Македонец во просек има долг од 1.122 евра, но и дека задолжувањето пораснало за точно 100 евра за една година.
Инаку најголем дел од кредитите кои ги имаат граѓаните се денарски (2.185.837.398 евра), а многу помал дел се врзани со девизна клаузула (142.048.780 евра).
Гледано по намена предничат потрошувачките кредити на кои отпаѓа повеќе од половина од вкупната сума или 1 милијарда 165 милиони и 138 илјади евра. Следуваат станбените кредити (562 милиони и скоро 114 илјади евра). Многу помал дел отпаѓа на минусите на картичките, автомобилските кредити и другите задолжувања.
Вкупната камата што секој месец ја плаќаат македонските граѓани за своите банкарски кредити достигнува фантастични 12 милиони и 715 илјади евра!
Народната банка измерила и благо зголемување на каматите за ново одобрените кредити. Така, тие во јануари биле повисоки за 0.2 процентни поени. Сепак, овој податок треба да се земе со резерва.
„Во однос на каматните стапки на новоодобрените кредити треба да се има предвид дека за нив се карактеристични променливи движења. Променливоста на каматните стапки на новопримените депозити произлегува од фактот што тие произлегуваат од обемот на новопримени депозити (којшто од месец во месец може да варира) и нивната каматна стапка“ објаснуваат во НБРМ.
Вкупните кредити растат а истовремено се намалуваат проблематичните односно оние кои банките не можат да ги наплатат.
„Стапката на вкупните нефункционални кредити во јануари изнесувала 6.0% и се намали (втор месец по ред), што од секторски аспект, во целост, произлегува од намалувањето на сомнителните и спорни побарувања на претпријатијата“ заклучува НБРМ во последниот квартален извештај.