Цената на златото, кое се смета за побезбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња, утрово порасна за дополнителни 0,6 отсто, на рекордни 3.073 долари за унца. Поради неизвесноста на финансиските пазари, цената на златото порасна за повеќе од 17 отсто од почетокот на годината и е на пат за најголемиот квартален скок од 1986 година.
Цените на акциите на азиските берзи денеска остро паднаа бидејќи инвеститорите стравуваат од ескалација на тарифната војна, а поради неизвесноста на финансиските пазари цената на златото достигна рекордно ниво. Утрово јапонскиот индекс Никеи потона за 2,2 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Хонг Конг и Јужна Кореја паднаа меѓу 0,5 и 2,1 отсто. Во Австралија, пак, тие благо се зголемија.
Како и вчера, автомобилскиот сектор е под најголем притисок, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави воведување царина од 25 отсто за увоз на сите автомобили што не се произведени во САД. Затоа берзанските индекси на Волстрит вчера паднаа, втор ден по ред.
Страв од ескалација на царинската војна
Инвеститорите се нервозни и затоа што Трамп во наредните денови ќе претстави план за воведување реципрочни царини на увозот од сите земји кои наплаќаат царини за увоз на американски производи. Промената на трговската политика на Трамп предизвика неизвесност на глобалните берзи бидејќи инвеститорите стравуваат од прекини во синџирите на снабдување и зголемување на инфлацијата, што негативно ќе влијае на економскиот раст.
Покрај тоа, инвеститорите стравуваат од ескалација на тарифната војна бидејќи многу земји најавија контрамерки поради американските царини.