Податоците на Народната банка покажуваат дека во 2009 година каматната стапка на депозитите орочени на една година изнесувале речиси 10 отсто и веќе од 2010 година таа постојано опаѓа, во моментов таа изнесува 1,50%.
Повод: Каматите на кредитите наспроти каматите на депозитите
За штедните влогови на граѓаните и на фирмите, банките пресметуваат камати од околу 1,50 отсто. Каматните стапки за штедење во домашните банки од 2010 година значително се намалија, поради што опаѓа и заработката на штедачите. Податоците на Народната банка покажуваат дека во 2009 година каматната стапка на депозитите орочени на една година изнесувале речиси 10 отсто и веќе од 2010 година таа постојано опаѓа. Дали ваквиот тренд го дестимулира штедењето?
Според најновите податоци на Народната банка, во јули 2023 година, просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 5,49 отсто, што претставува месечен раст од 0,37 процентни поени. Просечната каматна стапка на вкупните депозити изнесува 1,50 отсто и е зголемена за 0,10 процентни поени на месечна основа. Во споредба со истиот период претходната година, каматната стапка на вкупните депозити на домаќинствата бележи раст од 0,79 процентни поени.
Една од причините поради кои граѓаните и понатаму штедат во банки, и покрај малата заработка, е фактот што немаат каде на друго место да ги вложат средствата, а не се сите подготвени да се вклучат со тргување со хартии од вредност, велат упатените.
– Факт е дека имаме намалувaње на каматите на депозитите во споредба со многу години претходно, но тие го следат падот и на каматите на кредитите. Ако се разгледа низ годините висината на каматите на кредитите и на депозитите, ќе се забележи дека разликата меѓу нив секогаш е слична. Точно е дека поради големиот пад на каматите на депозитите се намалува и стимулот кај граѓаните за депонирање на средствата во банка, односно за штедење, бидејќи заработката е многу мала. Намалената заработка е причина граѓаните да се вртат кон друг тип инвестирање, поточно кон купување акции и хартии од вредност и вложување во осигурителни полиси, но има и такви што вложуваат и во недвижности. Сепак, искуството покажува дека мал дел граѓани ќе се решат на таква инвестиција, бидејќи ја сметаат за поризична.
Иако кај нас постојат алтернативни инструменти за штедење, сепак кон нив се гледа со скептицизам. Оттука, за граѓаните, особено оние што штедат на месечно ниво со пониски износи, најприфатлив начин е парите да ги вложат во банка без разлика на висината на каматата – споменува поранешниот гувернер Љубе Трпевски.
Како што вели универзитетскиот професор Марјан Петрески, каматните стапки и на кредитите и на депозитите забележуваат пораст во последниов период, односно постепено ги следат монетарните сигнали.
– Порастот на каматните стапки на депозитите е нешто побавен од порастот на тие на кредитите, што е пазарна реакција водена од главната цел на банките да ги максимизираат своите профити, но секако и од структурата на постојните кредити и депозити во однос на рочностите и периодите во кои се применуваат фиксни каматни стапки. Ако ги погледнеме новопримените депозити и новоодобрените кредити, ќе забележиме дека темпото на пораст на каматните стапки скоро почнува да се изедначува, што значи дека начинот на кој монетарните сигнали влијаат врз имателите на нови заеми и на депозити се синхронизира – објаснува Петрески.
Според него, линијата на затегнување што ја следи монетарната политика уште од крајот на 2021 година имплицира дека банките ќе бидат позаинтересирани за зајакнување на изворите на финансирање, па според тоа и приносите на депозитите ќе се зголемуваат. Дополнително, додава тој, централната банка во неколку наврати интервенирала и преку задолжителната резерва за штедењето во денари да стане поатрактивно.
– Но нагло и голем пораст на штедењето, вкупно, лично сметам дека не треба да очекуваме, прво затоа што тенденцијата на негов пораст беше солидна во целиот изминат период на пандемиска и ценовна криза, а второ затоа што реалниот доход на населението е под значајно влијание на тековната криза во која имавме значаен раст на цените, кој, за среќа, сега пополека се смирува, меѓутоа го оштети реалниот доход на начин што оневозможува населението и фирмите да штедат како што би штеделе во некризни услови – истакнува Петрески.