Граѓаните не треба да се жалат на лоша финансиска состојба бидејќи од почетокот на годинава го зголемиле богатството со кое располагаат и ги намалиле финансиските обврски. И покрај се уште присутната инфлација и зголемени трошоци за живот, македонските граѓани успеале да издвојат средства за да стекнат поголем финансиски имот. Вкупниот финансиски имот на домаќинствата, покрај депозитите во банките, ги вклучува и другите облици на штедење и финансиско вложување на домаќинствата (како што се вложувањата во домашни и странски хартии од вредност, средствата во пензиските фондови, вложувањата во инвестициските фондови и во осигурувањето на животот, готовите пари во оптек и слично).
Вкупниот финансиски имот на домаќинствата во земјава на крајот од првиот квартал оваа година изнесува 752,7 милијарди денари, што е рамно на 84% од македонскиот бруто домашен производ. Во првите три месеци оваа година, граѓаните го зголемиле своето богатство за 34,1 милијарда денари, што е квартален раст од 4,7%, објави Народната банка. Финансиските средства ги зголемиле за 30,1 милијарда денари, а обврските ги намалиле за 4 милијарди денари. Финансиските средства со кои располагаат граѓаните се 114% од БДП, а нивниот долг само 27,8% од БДП.
Податоци за прв квартал за домаќинства
Анализата што ја направи порталот „Пари“ покажува дека најголем придонес за растот на финансискиот имот на граѓаните во првиот квартал имаат зголемените вложувања во капитал и во акции и удели во инвестициски фондови, каде што завршиле 17,2 милијарди денари. За три месеци обезбедиле и раст од 5,3 милијарди денари на готовите пари со кои располагаат и на депозитите, а во осигурителни полиси вложиле 4,1 милијарда денари.
Почетокот на годината носи промени и во однос на структурата на финансискиот имот на граѓаните. Драстично е намален уделот на готови пари и депозити во банките во вкупниот финансиски имот, споредено со претходните години, додека капиталот и акциите/уделите во инвестициските фондови и понатаму се најзначајна ставка во финансискиот имот на домаќинствата.
Истовремено, за 2,7 милијарди денари го намалиле долгот по основ на кредити кон банките и се раздолжиле за уште 1,3 милијарди денари по основ на останати обврски. На крајот од првиот квартал, вкупниот долг на домаќинствата изнесува 248,9 милијарди денари. И понатаму граѓаните најмногу им должат на банките, на кои отпаѓа 94% од вкупниот долг на населението.
Компаниите се во дебела негатива
За разлика од граѓаните, компаниите во земјава се во голема негатива. На крајот од првиот квартал од оваа година, нивната нето финансиска вредност е негативна и изнесува 1.070 милијарди денари. За три месеци е зголемена за 27,1 милијарда денари, односно за 2,6%. Ова значи дека компаниите имаат поголеми долгови од вредноста на капиталот и средствата со кои располагаат. Вредноста на финансиските средства со кои располагаат изнесува 136% од БДП, а вредноста на нивниот долг е 255% од БДП.
Компаниите во земјава вкупно должат 567,3 милијарди денари и за три месеци направиле нов долг во износ од 9,7 милијарди денари, главно поради задолжување во странство. Најмногу се задолжуваат во банките и во странство. Податоците од Народната банка покажуваат дека во првиот квартал ги зголемиле и вкупните средства со кои располагаат за 31,6 милијарди денари.
Во минус се и финансиските друштва во земјава, кои на крајот од првиот квартал имале негативна нето финансиска вредност од 26,8 милијарди денари, што е влошување од 20,3 милијарди денари во однос на претходниот квартал.
Државата исто така во длабока дупка
Негативната нето финансиска вредност на државата во првиот квартал од 2024 година изнесува 219,4 милијарди денари и е влошена за 1 милијарда денари, односно за 0,5% на квартално ниво. Негативата во најголем дел е резултат на долговите на „централната власт“. Средствата со кои располага државата учествуваат со 39% во БДП, а обврските на државата се 64% од БДП.
Во првиот квартал, државата успеала да ги зголеми финансискиите средства за 15,7 милијарди денари, но и финансиските обврски за 16,7 милијарди денари, со што уште повеќе ја вложиле финансиската состојба. Државата најмногу се задолжила по основ на кредити и должнички хартии од вредност.
„Анализирано од аспект на секторите, домаќинствата и секторот „странство“ се нето-кредитори и ги финансираат останатите сектори во националната економија (нефинансиските друштва и државата), кои се нето-должници. Финансискиот сектор и натаму има речиси избалансирана нето финансиска позиција. Структурата на средствата на националната економија укажува на тоа дека нема значителни промени, при што нефинансиските и финансиските друштва имаат најголемо (речиси подеднакво) учество, потоа следуваат домаќинствата, како и државата којашто е со најмало учество во вкупните средства на националната економија. Во структурата на вкупните обврски, нефинансиските друштва имаат најголемо учество, по што следуваат финансиските друштва и државата. Домаќинствата имаат најмало учество во вкупните обврски на националната економија“, стои во извештајот на НБРМ.
Целата анализа е достапна на следниот линк: https://pari.com.mk/kako-makedonskite-gragani-uspeaja/