Читајќи го насловот, некој ќе помисли дека навивам за да се распадне нашата држава. Сакам од почеток да кажам, напротив, сакам да успееме и опстанеме. Исто колку, а можеби и повеќе од многу други, особено од тие што не водат…
Но зошто не верувам во оваа наша бајка?
Имајќи ги во вид последните развои и надворешни агресии кон се што е македонско и тотално бришење на еден етнос во најфашистички манири, сметам дека веќе се работи за синхронизиран напад. Севкупните отстапки, фашистичките барања во 21 век од страна на нашите комшии, лудите барања и уште полудите условувања се логичен след на шизофренијата која владее веќе 30 години тука и упорното дезинтегрирање на општествениот, културниот, економскиот и финансискиот систем на оваа оставштина од Југославија.
Низ овој период, низ сите гарнитури и влади, се покажа еден тотален аматеризам, неспособност, незнаење, полтронизам, сервилност и целосна себичност на владетелите. Имајќи го тоа на памет, произлегува дека толпата која ја населува оваа територија нема никакво чувство за единство, заедничка кауза, позитивен патриотизам – кој јас го гледам низ призмата на плаќање на даноци и не-крадење на државните и претходно општествените ресурси.
Е бидејќи, немаме такви водачи и обврските се заеднички а привилегиите само нивни, овој систем по самата дефиниција е асиметричен систем и како таков, нефункционален. Дека е нефункционален систем секој ден се уверуваме преку стандардот, здравството, школството, исселувањето на населението и сите средновековни проблеми кои го мачат угнетениот плебс на антиката.
Но во природата, универзумот и дијалектиката постојат законитости кои исто се одразуваат во општеството. Уште од Вебер, Ниче и Гете, нишките ни укажуваат дека секој систем ( било каков – економски, воен, политички, културен, општествен ) кој не функционира бива заменет со функционален систем, еволутивно, или , преку Маркс, Енгелс, Троцки, Мајаковски – револутивно. И ова е аксиома за која не треба да дискутираме. И тоа за жал, ќе биде така. Овој нефункционален систем, ќе биде заменет со друг, за среќа или за жал.
Е сега, во ваква ситуација, протагонистот на нефункционализмот – Маќедончето химселф, ќе биде растронет, ќе му бидат одземени сите права и ингеренции, народски кажано распопен. Зошто? Затоа што децении не знае да постави систем кој ќе функционира….
Кој ќе го замени? Систем кој ќе функционира…
Кој ќе го донесе тој систем кој функционира? Се разбира најблиските комшии… Албанците или Бугарите… или комбинирано… најверојатно… Но, да не се сватиме погрешно… Не дека тие се толку добри во функционирањето на системот, едноставно слепо следат уредби од Берлин или Вашингтон, и воспоставуваат функционални системи по пример… и имаат резултати… нема мудрување. Тоа е тоа… Затоа овој период на „распопување“ е многу тежок за мнозинството во земјата, кое тврдоглаво одбива да се самоуреди и самозаличи на народ и европска држава. Ваков магарешки инает, продадено дупе за фотеља и концепт за самоуништување, јас лично сметам дека немало никаде, во ниедно доба….
Што ме испровоцира за овој текст? Зошто сметам дека овој систем е самонеодржлив и за брзо ќе биде заменет со функционален систем? Па обични секојдневни работи, најмногу лошото водење на финансиите и економијата од страна на водството.
- Малите и ситни стопанственици со исто така мали полови органи, но големи џипови и викендички, кои упорно го цедат работникот низ целата транзиција како лимон во В.Иго стил, само за еден месец неработа излегоа на протести, испуштаат вработени, молат – плачат за државна помош. Мислиш вчера отвориле бизнис, па анџак дојде ова и сега ќе мољанкаме за помош. Тука се гледа саможртвата, самосвеста и помошта на најсилните економски агенти во општеството… НУЛА!… не само што нема допринос, туку бараат и субвенција…. И тука нашава неискусна и несоодветна министерка плагијаторка излегува со некакви решенија за субвенции… Не мори златна, не се прави тоа така… Ако не акумулирале низ годиниве доволно капитал, за да покријат 2-3 месеци бруто плати, а имате индиции дека имаат, едноставне не сакаат, се става на знаење дека по завршеток на кризата ќе им биде одземена дозволата за да продолжат во истиот бизнис наредните 10 години. Да, државата да ги отстрани од бизнис ваквите крвопијци, што ќе и се… Но не, немате ни мозок ни кичма за такво нешто, бидејќи хејј, кој ќе финансира кампања наредно…
- Нивното височестово – фамозната администрација… Напред-назад, кратиме – не кратиме, ама ако кратиме нема да не гласаат, ама ако не кратиме – немаме пари… Па дрпај кредити – ќе враќаат сите… И сега замисли, во неодлучноста, незнаењето, калкулациите и задните намери- во секој случај подли и изборни – на најголемите трутови во ова општество кои ништо не работат, и ове 2 месеци се дома, не се најде сила да им ја намали платата. На најнеспособните, најнеписмените и на факторот за нашата заостанатост, нема кој јунак да се најде да ја намали платата… Зошто? Зошто немале да го гласаат наредно… Па сега за да го гласаат него, јас и сите други граѓани во антикава, треба да го плаќаме овој неписмен трут и да задолжуваме внуци и правнуци за тој да гласал. Неговиот ебан, неписмен и суштински беззначаен глас нас не реди во должничко ропство. Зошто, бидејќи министерката плагијаторка, и останатите во уќуматот немаат „муда“ и сакаат нов мандат… Е не се прави тоа така другари… Само ќе се доразјаде системот со кредити, ќе продолжиме да товиме трутови, ќе тониме во нашите инвалидни фекалии и ќе сме пример за потсмев на цел свет. Кога голем дел луѓе од приватниот сектор губат работа, плата и здравје – никој не смее да ги чепне трутовите… А министерката плагијаторка не дава ( а и никој друг за право од тимот ) никаков разбирлив одговор.. нешто мумла, вергла, па ова, па она, но пак тука сме, округло на ќоше….
- На крајот, никој не се запраша, барем не јавно колку што видов, зошто воопшто ни е потребен карантин? Па вирусот не почнува да се шири после 19 часот. Тој тогаш одмара, тој се шири од 06-19 часот низ преполните маркети, банки, автобуси на ЈСП и други збирни места, а сега и во центрите за религиозна индоктринација, од денес. Што потреба од вакви фами и глупости и ограничувања… Па вирусот се шири додека оди населението на работа, не кога ќе спие после 19 часот…
- Нашите нови неоколонизатори ( газдите на со наши пари изградени и амнестирани даночно – фирми во ТИРЗ-овите, груевата креатура на работен логор по барање на мастерот ) или ги испуштија голем дел, или доцнат со плати, чекале од меркава да се исплатат пари од буџетот, па и тие да мцнат малку од говнената тегла на најсиромашната земја во Европа… Замислете ееејјјј… Која дрскост….. Додека во нивната матична земја – доколку користат државна субвенција – не смеат оваа година да исплаќаат дивиденди. Да, во Германија се донесе таков закон и имаше многу негодувања, ама германскиот законодавец и е писмен и со кичма, па ја користи логиката. Овде не водат вејкрпи, кои што ќе слушнат или им препорачаат од “горе“ без поговорно до спроведуваат – и на крај плаќаат овие од „долу“…
- And the last, but not the least. Нема полошо од селективна правда… Никаде не функционира правото, никој криминалец не легна во затвор, се е нешто ваму-таму, па се нешто им се лоши, се некои изговори, ама во делот да судиите и другите највисоки трутови на ова општество да им биде платата намалена на 14,500 денари, правдата се репетира и испалува инстинктивно. Нема таа сила која ќе им намали плата на овие височества. Се собраа како врани колвачки, за еден ден и се „самоизгласаа“ во бенефитен пакет… Епа да ми извините, јас ваква селективна правда и селективна држава, ни сакам , ни признавам, ниту имам грам респект за вакви селски итреци и очебијни дупешки…
Е поради овие, а и милион други аномалии, ние не се фокусираме и не пишуваме и не прашуваме, а Бога ми и не се ни буниме за овие суштински работи, овој нефункционален систем ќе биде заменет со нов. Кој ќе се протагонистите на новиот, не знам, но не верувам да е по луд од овој во моментов – кој е исцедок на претходната 11 годишна шизофренија. Секој нов владетел само го зголемува влогот, на се или ништо во оваа голема партија покер на средината на Балканот, во која на крајот сигурни губитници ќе бидеме сите ние.
Со вакво водство, со овие политичари, со овој мајндсет, ние и треба да бидеме реформирани од некоја надворешна разумна сила… Ова вака не оди луѓе….
Наум Димитровски