Купувањето, подготвувањето и консумирањето храна во голема мера е резултат на одлуките на прехранбената индустрија, а не на изборот на потрошувачите, објави БЕУЦ – највлијателната европска организација на потрошувачи. Новиот извештај „Илузија на избор – зошто некој веќе одлучил што ќе јадете за ручек“ се согласува со мислењето на САПЕА, конзорциум од независни научници. Тие веруваат дека промотивните понуди, па дури и распоредот на продавниците и супермаркетите во голема мера ги „туркаат потрошувачите кон нездрава храна“. Ваквите производи се најдостапни, најрекламирани и често најевтина опција. Моник Гојан, извршен директор на БЕУЦ, прашува зошто овошјето често чини многу повеќе од ќеса со нездрави грицки? Таа апелира здравата и одржлива исхрана да стане редовен избор, а не луксуз, пренесува Политика.рс.
– Супермаркетите мора да престанат со понуди кои не насочуваат кон храна и пијалок кои треба помалку да ги консумираме. Наместо тоа, тие треба да промовираат поздрава исхрана и пониски цени за тие производи. Мора да се вклучат и државните влади за да се осигураат дека сите потрошувачи ќе можат да си дозволат да купат храна што е добра за нивното здравје – посочи Гојан. Д-р Милка Соколовиќ, директор на Европската алијанса за јавно здравје (EPHA), рече дека сè во овој сектор во моментов е дизајнирано да ја нагласи нутритивно сиромашната храна, што води до долг список на болести со зголемена фреквенција и оптоварување на општеството.