Проблемите и предизвиците со кои денес се соочува Скопски пазар не изненадуваат и се резултат на повеќе неразумни деловни потези, кои не се навремено третирани од страна на надлежните органи и институции, велат упатените во работењето на компанијата.
Од јавно објавени документи на Скопски пазар произлегува дека компанијата во 2007 потрошила значаен износ на парични средства за откуп на сопствени акции, за непосредно по нивното купување – да ги повлече. Од ова се наметнуваат прашања за оправданоста и допуштеноста на овој потег, кој, како што дознаваме, ги поттикнал органите на кривичен прогон против повеќемина актуелни и поранешни раководни лица на Скопски пазар.
Што всушност направиле првите луѓе на Скопски Пазар, што овој пат го привлекло вниманието на Јавното обвинителство?

sp_market

Собранието на акционери на Скопски пазар на иницијатива и со поддршка на раководството на компанијата во два наврати во периодот 2006-2007 година повлекло вкупно 14.522 сопствени акции, кои што самата компанија претходно ги купила на пазарот за повеќе од 85 милиони денари, или близу 1.5 милион евра.
Се поставува прашање, кој бил интересот на компанијата да купи сопствени акции за близу 1.5 милион евра за непосредно потоа да ги повлече, што според познавачите на оваа област би било еднакво со купување на вреден имот заради негово натамошно уништување, наместо негова употреба или располагање заради остварување на добивка.
Aко се погледнат резултатите, односно последиците од оваа деловна акција, иницирана и поддржана од првите луѓе на компанијата, се јавува сомнение дека тие биле водени само од личен интерес.
Резултатот од овој деловен потег по самата компанија е следен : потрошени повеќе од 85 милиони денари ликвидни парични средства, како и намалување на основната главнина или капиталот на компанијата за речиси 45 милиони денари, што повеќе од јасно е дека е исклучиво негативен.
Од друга страна, истиот деловен потег, односно намалувањето на основната главнина на компанијата, довело до пропорционално зголемување на капиталното учество на тогашните акционери, при што оние поголемите, меѓу кои челниците на компанијата, обезбедиле најголем бенефит – нивното капитално учество во компанијата значајно се зголемил, без тие притоа воопшто да вложат лични средства.
Дали челниците на СП ќе бидат најдени одговорни за (зло)употреба на средства на компанијата за зголемување на личниот акционерски удел ќе разбереме наскоро во судска постапка. За спорните случувања во Скопски пазар побаравме објаснување од актуелните раководители на фирмата, но тие избраа да молчат за ова, како и за другите прашања за состојбата во СП, особено оние поврзани со финансиите.
Чудните потези на раководството на СП од минатото се актуелизираат во време кога вработените во Скопски пазар се жалат дека компанијата нередовно им ги исплаќа платите и придонесите. Дел од вработените ги обвинија директорите и дека им вршеле притисоци и им се заканувале да престанат да излегуваат во јавност со барањата за платите.
Скопски пазар е во тешка финансиска состојба откако ја загуби борбата со конкуренцијата и беше принуден да го напушти бизнисот со супермаркетите, а поради милионски долгови кон банките и добавувачите, почна да ги продава и издава своите најатрактивни недвижности.