Нема основ за поскапување на основните прехранбени производи. Цените вештачки се зголемуваат, а државата, односно инспекциите се виновни што не ги казнуваат трговците. Ова е ставот на експертите за секојдневниот пораст на цените на храната, во време кога влезните елементи за производство драстично се намалени. Затоа сметаат дека поскапувањата се нереални и немаат никаква еконосмка логика.
– Не знам врз основа на што се покачуваат цените. Реално цените имаат секојдневна нагорна линија. Порано кога велеа дека е заради цените на струјата, на гасот, на нафтата и на репроматеријалите, сега не е така. Дури и цената на суровините не е покачена, што покажува дека вештачки се дигаат и улогата на државата е да провери преку инспекциите зошто на одредени продукти цената се зголемува енормно, изјави Синиша Пекевски, економист
Вчера вицепремиерот Битиќи прстот за поскапувањето го впери во трговците, кои сакале да профитираат на грбот на производителите и се однесувале нефер и неетечки. Кој профитира и се богати, а цехот го плаќаат граѓаните со плаќање поскапо, Битиќи одби да каже.
„Во овој момент не би сакал да кажувам имиња, штом ги добиеме, ќе бидат кажани. Јас не можам да останам нем на нефер практики во трговијата, а особено на практики кои одат на штета на моите сограѓани и на мене. Се додека сум на оваа позиција нема да останам нем“, изјави вчера вицепремиерот Фатмир Битиќи.
Економистите пак, велат – наместо да етикетира, јавно да ги соопшти имињата на трговците кои правеле злоупотреби.
– Имам чувство дека политичарите многу лесно даваат изјави и обвинуваат – сега се трговци, претходно беа производителите, па на крај ќе ги обвини граѓаните дека креираат паника, без да приложат доказ или факт дека е така. Вчера вицепремиерот ги обвини трговците, но не кажа кои се тие. Од друга страна, не слушнавме никаква анализа или факт зошто е тоа така, додава Пекевски.
Од Пазараниот Инспекторат не добивме одговор дали и колку трговци се однесувале неетички и ги зголемиле цените. Од друга страна, ако поскпапувањата продлжат, владата највува дека ќе ги преземе сите механзими кои и стојат на располагање. Во игра повторно се опциите замрзанување на цените или ограничување на маржите.