Дали случајно процесот на излегување на Велика Британија од ЕУ добива фото-завршница и неизвесен резултат?
Дали е можно отцепување од пазар од околу половина милијарда жители, кој воедно е и еден од најбогатите пазари во светот да се изведе трапаво, без некој мастер план и одговорност за последиците и едноставно империјата во изумирање да каже: од денес едноставно не сме во блокот и не ни е гајле што ќе се случува понатаму?
Според последните одлуки од страна на британскиот парламент со кој не се даде поддршка на постигнатиот договор меѓу Владата на Тереза Меј и Европската Унија целокупниот процес за Brexit доби неочекувана пресвртница. Иако истиот беше инициран на барање на Велика Британија под превезот на стравот од напливот на мигранти од Балканот ( теза која служеше за регрутација на гласови за време на референдумот ) сега британците не го изгласуваат договорот кој беше постигнат за тие да го напуштат блокот.
Самата теза во однос на мигрантите беше измислен проблем од самиот старт. Зошто? Па затоа што главниот наплив на мигранти во Велика Британија не доаѓа од рамките на Европа, туку од колонијалните права што жителите на поранешните нивни колонии ги имаат за преселување во домионот. Со други зборови, не постоеше скоро никаква опасност дека „страшните Балканци“ ќе ја преплават Велика Британија. Многу поголема опасност е „наездата“ која им се случува константно од земји како на пример Пакистан, Индија и половина Африка… Така да иницијалната теза ја отфрламе од старт.
Во самиот финиш на преговорите за излез, собранието во кое Тереза Меј има мнозинство не го изгласува пакетот т.е. договорот за излез иако истиот беше преговаран и поддржан од преставници на нивната партија. Нели е малку симптоматично? Нели е малку чудно да изгубиш месеци и месеци во преговарање и договарање и потоа едноставно да не го изгласаш договорот во сопствениот парламент?
Па би било многу чудно ако не ја познаваме историјата и карактерот на британците… Според мое мислење, овој развој на настаните не е ни малку случаен ни чуден…
Имено, самиот порив за излегување на Велика Британија од ЕУ е од сосема други причини. Како причина која би ја издвоил е финансиската дисциплина која во блокот мора да ја има, т.е. Велика Британија мора да се придржува кон европските стандарди во однос на финансиските текови и банкарското работење. Тоа едноставно нив не им одговара. Со се поголемиот пад на нивната економија, се поголемите социјални проблеми кои се напластуваат во нивната земја и се поголемото губење на влијание во политиката и светските одлуки, тие се свртија кон еден сосема поинаков, но не и нов, метод на враќање на „старата слава“. Едноставно ќе го напуштиме регулираниот блок и нема да бидеме во сенка на Германија, ниту контролирани од никого, а од друга страна нема да се приближиме премногу ни кон САД – бидејќи FATCA регулацијата е исто така алерген за британските интереси, туку без никаков договор и никакви обврски заминуваме и продолжуваме да го „работиме“ финансиски и трговски светот како во 19 век и ќе си го повратиме богатиот начин на живот без многу труд. Секако основите на финансиите а со тоа и основите на шпекулациите, измамите и обезвреднувањето се „измислени“ во Лондонски City… Ова е крајната цел на нерегулираниот Brexit, т.е. Brexit без договор со кој Велика Британија би продолжила со „својот блок“ и по свои правила да опстојува во светот.
Но, што во реалноста се случи? Меѓународната сцена не е баш уверена во нивните намери, ниту во нивните нови „концепти“, повторно знаејќи ја нивната историја и карактер. Големите интернационални компании, банки и останати ентитети едноставно ја напуштија Велика Британија. Амстердам, Франкфурт, Париз, Цирих се новите центри на избор на големите банки, осигурителни друштва и големи корпорации… Изгубените работни места во Лондон се бројат во илјадници, одлеаниот капитал од Лондон се мери во илјадници милијарди долари… Секторот на недвижности доживува крах, извозот се намалува, бруто-домашниот производ стагнира. Се поретко светот ја купува британската приказна, дури и нивните поранешни колонии кои се поголем партнер гледаат во Кина отколку во Велика Британија – нивниот поранешен окупатор и колонизатор.
Кралството преку Brexit сакаше да ги промени правилата на игра во финансиските текови во светот, но очигледно дека другарчињата веќе не се располопжени за промена на правилата на играта, а и не сакаат да играат повеќе во иста игра со британците. Се појавија нови играчи на светската сцена и правилата на игра ги диктираат други империи во подем.
Со овој чекор, Велика Британија си ја сече гранката на која седи, и многу веројатно дека ќе падне во длабока бездна на неизвесност и кризи, далеку во периферијата на Европа.
Наум Димитровски